Димитров: Датум од ЕУ за младите да ја искусат Европа во Македонија
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во изјава за Ројтерс, вели дека Северна Македонија очекува да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври, што ќе ги убеди младите луѓе да не ја напуштаат земјата во потрага по европски начин на живот, туку да останат дома и во Македонија да го искусат европскиот живот.
„Стравуваме дека земјите од Западен Балкан ќе бидат обесхрабрени во натамошниот тек на реформите ако тоа не се случи. Големите прашања се решени. Доколку нема соодветна реализација на оваа шанса, тоа ќе испрати порака до другите лидери на Балканот дека не вреди да се инвестира политички капитал во носење тешки одлуки и реформи“, вели Димитров.
Шефот на дипломатијата посочува и дека земјата очекува да стане членка на НАТО во декември или почетокот на наредната година и дека потпишувањето на Спогодбата со НАТО значително се зголемени странските директни инвестиции во земјата, и дека очекува тој тренд уште повеќе да се зголеми по отворањето на пристапните преговори со ЕУ.
„Членството во НАТО и стартот на преговорите со ЕУ ќе значи и дополнителен елемент за стабилност и предвидливост кои му се многу потребни на Балканот“, наведува Димитров.