Утре во 13 часот Собранието ќе ја разрешува Катица Јанева
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го потпиша решението за свикување собраиска седница, утре во 13 часот, со една точка на дневниот ред - Разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, соопштија од прес-службата на Собранието.
Опозицијата вчера бараше итно свикување на седницата, но предлогот не помина кај пратениците. Џафери вчера изјави дека нема да чека да дојде 15 септември, па Парламентот да треба да ја разрешува Катица Јанева истиот ден кога и завршува и мандатот. Тој обезбедил и писмена согласност од четирите најголеми политички партии за разрешување на Јанева, како што налага законот за СЈО.
Постапката за разрешување на Јанева налага Парламентот да обезбеди дветринско мнозинство и бадинтерово гласање. Откако ќе се изгласа, предлогот за разрешување се доставува до Советот на јавни обвинители кој го финализира разрешувањето. Постапката за разрешувањето на Јанева од функцијата започна поради нестручно вршење на функцијата, откако Јанева заврши во притвор како осомничена за случајот „Рекет“.