Зелено светло од Германија за датум, ама и строга контрола на реформите
Бундестагот во Берлин денеска и официјално треба да даде зелено светло за почеток на преговорите со Европската Унија за Северна Македонија и за Албанија. Како што објави „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, земјава ќе добие „целосно зелено“ светло за почеток на преговорите, додека на Албанија Бундестагот ќе и даде „темно зелено“ светло. Според весникот, во одлуката на Бундестагот на Северна Македонија ќе и биде одобрен почеток на преговори без дополнителни услови, додека Албанија ќе мора да исполни серија барања.
Во одлуката за земјава, Бундестагот бара од германската Сојузната влада во рамки на преговорите да обезбеди дека ќе се гарантира продолжување на реформите и дека земјава ќе мора да продолжи да вложува „значителни дополнителни напори“ за исполнување на критериумите за членство, особено во областите на владеењето на правото, вклучително и почитување на основните права и ефикасноста на Специјалното обвинителство со нова организациска поставеност, потоа во борбата против корупцијата, организираниот и финансискиот криминал и перењето на пари, како и зајакнување на институциите и промовирање на човековите права.
Бундестагот бара и Еврокомисијата и Европската служба за надворешни работи редовно да информираат за напредокот на реформите за време на пристапните преговори.