Владата подготвена да го примени мислењето на Венецијанската комисија за законот за јазици
Владата како институција е подготвена да го имплементира мислењето на експертите на Венецијаската комисија за Законот за јазиците, изјави денеска премиерот Зоран Заев, но нагласи дека се работи за драфт верзија на текстот од Комисијата.
„Сето тоа што го предлагаат е на нивото на европските пракси и сакаме да учиме од Венецијанската комисија. Рековме дека ја почитуваме Венецијанската комисија, која ќе го даде нејзиното конечно мислење, бидејќи досега како што коментираа, што е поважно дали владеењето на правото и очекувањето да се добие правда или употребата на јазикот. Можеме да дадеме објаснувања колку се важни правото на јазикот и на правда, за на крај да можеме да дадеме свое мислење и да можат тие да го оформат своето мислење“, рече премиерот Заев.
На новинарско прашање за забелешката на пратеникот на ДУИ Артан Груби, кој коментира дека цената на мирот е неспоредлива со цената на имплементацијата на законот, односно дека со законот е купен мир, премиерот Заев посочи дека законот е човечко право што произлегува од правото на употреба на јазици и јазикот е средство за разбирање, за животот да ни биде полесен.
„Оттука и доаѓа буквално употребата на јазиците. Тоа е уставно право на граѓаните. Ништо не се сменило во нашата држава, а граѓаните имаат дополнително право да си го користат“, рече Заев.
Тој притоа посочи повеќе практични примери за употреба на јазикот, како при добивање на социјална помош и како тоа ќе послужи ако една стара возрасна жена знае само албански јазик или пак жена Ромка која живее во Шуто Оризари и не знае на друг начин да комуницира за да го оствари ова свое право.