Руската „фарма за тролови“ ја засилувала кампањата на Трамп на штета на Клинтон
Двопартискиот извештај на американскиот Сенат за руското користење на социјалните мрежи утврди дека „Фармата за тролови“, поддржана од Кремљ, се обидела да ја засили кампањата на претседателот Доналд Трамп и да ѝ наштети на неговата противничка Хилари Клинтон на изборите во 2016 година, со што во голема мера ги поткрепи заклучоците на американската разузнавачка заедница.
Во Извештајот на сенатскиот Комитет за разузнавање објавен денеска исто така се наведува дека работата на Агенцијата за истражување на интернет, како што е називот на „фармата за тролови“, „била дел од поширока, софистицирана и тековна кампања за информациона војна дизајнирана да сее раздор во американската политика и општество“.
Агенцијата за истражување на интернет е организација со седиште во Санкт Петерсбург во сопственост на бизнисменот Јевгениј Пригожин, кој е поврзан со Кремљ.