Билт: Франција ја турка ЕУ кон стратегиска катастрофа
„Нема сомнение дека Брегзит е стратегиска катастрофа за Европската унија. Но, се чини дека малкумина разбираат дека ЕУ се движи кон друга стратегиска катастрофа – овој пат на Балканот“, оценува поранешниот шведски премиер и специјален пратеник на ЕУ за поранешна Југославија, Карл Билт, во колумна за „Вашингтон пост“. „Франција стави вето на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија, наспроти повторената позитивна препорака на Европската комисија и волјата на другите земји-членки. Со тоа може да се урне повеќедеценискиот стратегиски пристап на ЕУ кон Балканот“, предупредува Билт, потсетувајќи дека од завршувањето на балканските конфликти во деведестите, приоритет на ЕУ беше воспоставување долгорочна стабилност на овој проблематичен дел од континентот.