Нови правила за издавање безбедносни сертификати
Пратениците од опозицијата и од власта се согласиле дека за да му се издаде безбедносен сертификат за државна тајна на едно лице тоа не треба да има двојно државјанство, а за сертификат за строго доверливо, може да го добие лице кое е државјанин на членка на НАТО.
Амандман со ваква содржина прифатиле пратениците на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања на чиј дневен ред единствена точка беше Предлог-законот за класифицирани информации, во второ читање.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека не смее бројот на луѓе кои имаат право на пристап до државна тајна да биде голем.
Таа информира дека во моментот пристап до такви класифицирани документи за државна тајна во МО, без Армијата, немаат повеќе од десетина лица. Во минатото, според Шекеринска злоупотребата на класифицирани информации била инструмент на политичка, финансиска или лична пресметка.