Болсонаро – Аргентина избра лошо, немам намера да му честитам на новиот претседател
Претседателот на Бразил, десничарот Жаир Болсонаро денеска изјави дека Аргентинците „лошо избраа“ на вчерашните претседателски избори, затоа што победи популистичкиот „перонист“ Алберто Фернандес и дека Болсонаро „нема намера да честита“.
„Жалам поради резултато на изборите. Не сум пророк, но мислам дека Аргентина лошо избра. Немам намера да му честитам [на Фернандес]. Денеска нема да ни биде непријатно. Ќе почекаме малку да видиме која е неговата политичка позиција“, изјави Болсонаро.
Алберто Фернандес, чија потпретседателка ќе биде поранешната претседателка Кристина Киршнер, доби 48 отсто од гласовите, додека досегашниот шеф на државата, неолибералот Маурисио Макри освои 40,4 отсто од гласовите. Болсонаро отворено го поддржуваше Макри.
Во победничкиот говор, Фернандес побара од соседниот Бразил да го ослободи поранешниот претседател Луис Инасио Лула да Силва, осуден поради корупција.
Болсонаро го оцени повикот како „спротивен на бразилската демократија и правосудниот систем“, но додаде дека „ако сакаат да разговараат нема да им ја затвориме вратата“.
За време на предизборната кампања во Аргентина, бразилскиот претседател рече дека таа земја е „сè поблиску до хаос“, а Фернандес рече дека Болсонаро е „расист, мизогин и насилник“.