Мијалков и осудените за „Титаник 2“ бараат Апелација да ги ослободи
Осудените во „Титаник 2“ на јавна седница од Апелациониот суд побараа да се укине пресудата на Кривичниот суд бидејќи се невини. Според адвокатите на осудените, случајот кој се однесува на договорено гласање во ДИК за приговор за локалните избори во Струмица во 2013 се темели на претпоставки. Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков кој беше осуден на три години за случајот изјави дека очекува судот да донесе правилна одлука.
„Верувам јас во вашиот судиски дигнитет и сум убеден дека ќе донесете правилна одлука“, рече Мијалков.
Поранешните членови на ДИК на тврдат дека СЈО не изнело никакви конкретни материјални и вербални докази. На денешната јавна седница единствено не присуствуваше Мендух Тачи, кој е осуден на три години и два месеца. Бедредин Ибраими доби четири години и шест месеци. На три години беа осудени поранешните членови на ДИК, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.