Обвинителство - Идното функционирање на СЈО треба да се реши со нов закон
Иднината на истражниот центар, вработените, опремата и сè што е поврзано со функционирањето на СЈО треба да се реши со нови одредби кои треба да се донесат од надлежен орган, велат за Јавното обвинителство за МИА.
Обвинителството посочува дека нема надлежност да решава за овие прашања.
Во врска со распределбата на предметите од СЈО, од републичкото Јавно обвинителство велат дека во континуитет се распределуваат предметите кои се во истражна, како и оние кои се во предистражна постапка. Од таму велат дека можно е дел од предметите да се распределат и кај други јавни обвинители кои заедно ќе постапуваат во нив.
Од Обвинителството велат дека безбедноста на предметите од СЈО е обврска на јавните обвинители кои се распределени да постапуваат по нив, а контролата над спроведувањето на овие безбедносни мерки ја вршат двајца јавни обвинители.
Од републичкото Јавно обвинителство апелираат за побрзо донесување на новиот Закон за јавно обвинителство, бидејќи одложувањето на неговото донесување не оди во прилог на заложбите за ефикасна, независна борба против криминалот во државата.
Вчера медиумите пишуваа дека СЈО тоне во долгови, а вработените два месеци не зеле плата иако има пари на сметка, но нема кој да потпише, по притворањето на нивната шефица Катица Јанева.