30 години од падот на Берлинскиот ѕид
Во Германија денеска се одбележува 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, настан кој ги промени Германија, Европа, па и светот. На централната манифестација во Берлин ќе учествуваат германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларката Ангела Меркел, како и гости и повеќемина државници од Европа. На вечерната прослава пред Брандербуршката порта, каде се очекува голем граѓански собир, ќе се обрати претседателот Штајнмајер.
Падот на Берлинскиот ѕид беше вовед во повторното обединување на Германија. Sидот ги разделувал Источна и Западна Германија точно 28 години и еден ден. Источна Германија ја започнала изградбата на ѕидот на 13 август 1961 по што многу семејства останале разделени. Железната завеса, како што се нарекуваше ѕидот, била целосно урната кон крајот на 1989, освен еден дел кој и денес стои како спомен на тоа време.