ВМРО-ДПМНЕ контра Исмајлоска: Не се продаваме за сребреници
По изјава на пратеничката Нола Исмајлоска, една од осумте пратеници кои се одделија од партијата, дека „услов да се биде на пратеничка листа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2014 година бил да се прифати да се гласа за промена на името“, реагираа пратеникот Антонијо Молошоски и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, дека во нивната партија не се продаваат за сребреници.
„Црната кампања на СДСМ веќе оддамна е започната. Немајќи со што да се пофалат и да покажат дека нешто сработиле за своите граѓани, тие одлучуваат секојдневно да го замајуваат и манипулираат народот. Но народот гледа и знае кој, зошто и за кого одработува токму во овој предизборен период. Токму затоа, тоа нема да им успее“, реагираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Милошоски на Фејсбук објави дека нивните пратеници не се продаваат за сребреници.
Услов да се биде на пратеничка листа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2014 година беше да се прифати да се гласа за промена на името – вели пратеничката Нола Исмајлоска-Старова во интервју за 360 Степени, која беше исклучена од партијата откако гласаше за Договорот од Преспа.
-Во 2014та кога бевме побарани за кандидати ни беше поставено прашањето дали сме спремни да гласаме за промена на името. Тоа беше услов. Јас одговорив потврдно, рече Исмајлоска.