Хан: Недавањето датум е навреда за ЕК и шанса за Русија и Кина
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во интервју за Фајненшл Тајмс ја повтори разочараноста што на Северна Македонија и на Албанија не им беше дозволено да почнат преговори за членство со Европската Унија и уште еднаш повтори дека со тоа се отвора врата за влијанието на Русија и Кина и покрај евроатлантската определба на двете земји.
Хан вели дека до блокада на преговорите дошло во момент кога требало да се зајакнат напорите за ЕУ да стане посилен светски играч и оти претставувало губење влијание во регионот, за кој вели дека е близок историски и географски на ЕУ, притоа оставајќи простор за Кина и Русија.
Еврокомесарот во заминување оценува дека тоа претставува навреда за годините што Европската комисија ги поминала во поставување на политичка рамка за договор и испратил погрешна порака до регионалните лидери.
„Најболно е тоа што ЕУ не ги демонстрираше принципите на парнерство и одговорност, на кои секогаш се повикува и на кои секогаш се потпираме“, вели Хан.