Жбогар - Да се подобри животот на граѓаните додека се чека датумот
Додека се чека на датумот за преговори со ЕУ, потребно е сите чинители, како Владата, институциите и самата Унија да работат на подобрување на животот на граѓаните во земјава, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар, одговарајќи на новинарско прашање околу недобивањето датум за преговори, при неговата посета на Гостивар. Тој вели дека разбира дека датумот е битен за мотивација на граѓаните, но како што вели, определувањето на датум нема да им го смени животот.
Жбогар изрази жалење за недобивањето датум за преговори, но искажа и оптимизам дека тоа може да се смени, бидејќи како што рече, земјите членки на ЕУ, во наредниве месеци ќе ја разгледуваат новата методологија за проширувањето.
„Се надевам дека ќе донесеме одлука, но, не би сакал да се врзам за рок, ниту да дадам временска рамка. Тука сум веќе три години и досега верував во рокови и временски рамки. По искуството од октомврискиот состанок, не можеме да ветуваме многу во иднина“, рече Жбогар.