Судската администрација на протест, поддршка и од судиите од Кривичниот суд
Судската администрација во сите судови низ државата денеска протестираше против одлуките на Судскиот буџетски совет, кои се однесуваат на нерамномерното зголемување на додатоците на плата и на неисплатата на платата на дел од учесниците во штрајкот од 2016 година.
Според проценките на Синдикатот на УПОЗ и на Здружението на судска администрација, кои го организираа денешниот протест, судиите зеле додаток на плата од 6.000 до 9.000 денари, а судската администрација од 750 до 1.000 денари.
Од УПОЗ и Здружението на судски службеници бараат да имаат и свој претставник во Судскиот буџетски совет и во Советот на судска служба, како и поинаква дефиниција на позицијата на судската служба.
Доколку не наидат на разбирање од страна на Судскиот буџетски совет, најавуваат дека ќе ги искористат сите форми на притисок.
Колегиумот на судии и Здружението на судии од Основниот кривичен суд во Скопје денеска им дадоа поддршка на судските службеници.
Судијата Иван Џолев, претседател на Кривичниот суд рече дека судските службеници заслужуваат повисоки плати и примања.
И покрај протестот, како што информираа од Кривичниот суд, денеска се работи без застој.