Пендаровски умерен оптимист за датум за ЕУ во мај
Претседателот Стево Пендаровски од неговиот француски колега Емануел Макрон добил гаранција дека новата преговарачка методологија ќе биде донесена најдоцна до март, тоа е нешто во што можеме да бидеме сигурни, а се понатаму, како што рече, е политичка одлука.
„Јас сум умерен оптимист. Не сум радикален оптимист. И од претседателот Макрон не добивме стопроцентна гаранција дека ќе има позитивна одлука до загрепскиот самит. Имавме гаранција дека ќе биде донесена методологијата што е можно побрзо, тоа значи до март најдоцна. Значи, во тој дел можеме да бидеме скоро сигурни дека така и ќе се случи. Се понатаму е политичка одлука“, нагласи Пендаровски.
Претседателот ова го кажа денеска на свеченоста по повод заклетвата на 23-та класа на питомци и слушатели од курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери, како и промоцијата на 19-та класа на питомци во чин потпоручник во нашата Армија.