Набљудувачите со лоша оценка за изборите во Белорусија
На изборите во Белорусија не беа земени в предвид основните слободи, заклучуваат меѓународните набљудувачи. На изборите опозицијата не освои ниту едно место во собранието. Набљудувачите нотираат дека имало пречки за регистрација на политичките партии, потоа давачки и ограничен простор за одржување јавни собири, како и кривични санкции за клевета, со што изборите се оцрнија, се наведува во соопштението на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
„Овие избори покажаа целосен недостаток на почитување на демократските заложби“, рече Маргарета Цедерфелт, водач на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.
Таа додава дека кога се ограничени и независноста на парламентот и основните слободи и на гласачите и на кандидатите, парламентарните избори се во опасност да станат формалност.
Активисти на Хелсиншкиот комитет во Белорусија и на Центарот за човекови права соопштија дека изборите на 17 ноември биле нарушени со уцени, притисок и манипулации.
Ниту едни избори кои се одржаа во Белорусија во последните 25 години, откако на власт е претседателот Александар Лукашенко, не беа признати како фер од меѓународните набљудувачи.
Претходно денеска изборните власти во Белорусија ги објавија прелиминарните резултати, според кои избраните 110 кандидати им припаѓале на партиите лојални на Лукашенко.