Европскиот парламент ја потврди номинацијата на Вархелиј
Европскиот парламент ја потврди номинацијата на Оливер Вархелиј унгарскиот кандидат за европски комесар за проширување, потврдија од седиштето на институцијата.
Вархелиј го одржа своето прво рочиште минатата недела, но не ги убеди целосно пратениците дека е во можност да ја преземе функцијата. Тој мораше да одговори на дополнителни писмени прашања. Одговорите беа испратени попладнево и тоа беше доволно за да се потврди неговата номинација.
Оливер Вархелиј е втор кандидат на Унгарија за еврокомесар. Пред него, кандидат од Будимпешта беше поранешниот министер за правда Ласло Троскани, чија номинација беше одбиена од страна на Европскиот парламент во рана фаза затоа што забележа конфликт на интереси.
Европскиот парламент одби вкупно тројца кандидати: од Унгарија, Романија и Франција. Ова беше причината зошто новиот состав на ЕК не стапи на должност на 1 ноември, како што беше планирано.
За новиот состав на Европска комисија треба да се гласа на пленарна седница на 27 ми ноември, а комисијата треба да стапи на должност на 1 декември, но остануваат правни нејаснотии за улогата на Велика Британија во овој процес.
Велика Британија не достави предлог за нов комесар, сметајќи дека ќе го напушти европскиот блок на 31 октомври. Во пресрет на последното одложување на Брегзит, идниот претседател на ЕК, Урсула фон дер Лејен, побара од британската влада да предложи име за комесар, но владата на Лондон тоа го отфрли, и затоа Европската комисија покрена постапка против Велика Британија за кршење на европските закони.
Официјален Лондон до 22 ноември треба да излезе со името на нивниот кандидат за комесар, кој исто така треба да ги помине сите потребни процедури за потврда.