Сондленд – Ги следевме наредбите на Трамп во Украина
Американскиот амбасадор во ЕУ, Гордон Сондленд, во денешното сведочење пред Одборот на Претставничкиот дом за разузнавачки прашања, изјави дека со личниот адвокат на претседателот Доналд Трамп, Руди Џулијани во Украина делувал според „неговите наредби“.
Во пишаниот исказ, Сондленд истакнува дека напорите на Џулијани да го натера украинскиот претседател Володимир Зеленски да покрене истрага против политичкиот ривал на Трамп, била „услуга за услуга за организирање на посетата [на Зеленски] на Белата куќа“. Сондленд вели дека американскиот државен секретар Мајк Помпео бил целосно упатен и „потполно ги поддржувал“ нивните активности во Украина.
Овој богат хотелски претприемач би можел да биде клучен сведок во случајот. Тој беше еден од најважните актери во неформалната кампања на претседателот Трамп да ја натера Украина да отвори истрага против неговиот ривал Џо Бајден, водечки претендент за претседателски кандидат на Демократската партија за изборите што треба да се одржат догодина.
Сондленд изјави дека на почетокот не увидел дека мета на споменатата истрага би можел да биде поранешниот потпретседател на САД. За разлика од другите личности блиски до Трамп, Сондленд прифати соработка со истрагата во процесот на импичмент кој го покрена Претставничкиот дом. Меѓутоа, неговиот исказ не беше конзистентен и во одредени делови се разликуваше во однос на изјавите на другите сведоци. Тој, на сослушувањето зад затворени врати минатиот месец, рече дека не гледа поврзаност меѓу барањето на Трамп до Украина за истрага за Бајден и замрзнувањето на американската воена помош за Киев во вредност од 391 милиони долари. Седум дена подоцна, во дополнително сведочење пред Конгресмените, рече дека на администрацијата на украинскиот претседател Зеленски ѝ кажал дека веројатно нема да добијат воена помош ако јавно не се обврзат дека ќе ја отворат споменатата истрага.
Курт Вокер, поранешен дипломат кој со Сондленд учествувал на преговорите во Украина, во вчерашното сведочење рече: „Амбасадорот Сондленд е голема личност и понекогаш кажува работи кои се поголеми од животот“. Сослушувањето во овој одбор може да доведе до формално подигнување на обвинение и отповикување на Трамп, но мала е веројатност таа одлука да ја потврди и Сенатот, каде што Републиканците имаат мнозинство. Трамп негира дека направил нешто нелегално и ја оцени истрагата во Претставничкиот дом како „лов на вештерки.“ Според истражувањето на Ројтерс и Ипсос, 46 проценти од Американците поддржуваат отповикување на Трамп, додека 41 отсто се против.