Заев е за една изборна единица уште за овие избори
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е најдобро да се промени изборниот модел во една изборна единица и тоа да се применува веднаш за претстојните парламентарни избори. Промената ја иницираат помалите партии, а доби поддршка и од СДСМ. Сепак, според него, чекор напред ќе биде и да се постигне договор таквата промена да важи за следните избори.
Одговарајќи на прашања на прес-конференцијата во Владата на која беше промовирана платформата „Отворени финансии“, Заев не сакаше да ја коментира вчерашната најава на обвинителката Вилма Русковска дека ќе бара финансиска истрага за судиите во Апелацискиот суд кои ја пуштија поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева во куќен притвор. Премиерот Заев повтори дека ќе има ветинг за судовите и обвинителствата, бидејќи тоа е неопходен процес што мора да се случи.
Денеска во Владата беше промовирана веб платформата „Отворени финансии“, за увид на трошењата на државните пари. Достапни се трошењата од 2010 година наваму, а во иднина ќе се објавуваат податоците на 15 дена.