Чавков го оспорил Законот за амнестија пред Уставен
Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и еден од осудените за настаните на 27 април, Митко Чавков ја поднел иницијативата за оспорување на Законот за амнестија што се разгледува денеска во Уставниот суд. Со амнестијата беа ослободени дел од обвинетите за 27 април, односно за упадот во Собранието во 2017 година.
Според судијата известител, Чавков ги оспорува првите два члена од Законот, затоа што смета дека се косат со Уставот. За Чавков, кој не беше амнестиран, спорна е еднаквоста на лицата пред законот, односно зашто дел добиле амнестија, а други не.
Меѓу амнестираните за „крвавиот четврток“ беа и петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, кои беа обвинети дека ги отвориле вратите и ги насочувале лицата со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието на 27 април. Меѓу амнестираните беа и водачите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, кои беа обвинети дека со своите говори ги повикале граѓаните да влезат во законодавниот дом.
Чавков беше осуден на 18 години затвор.