Илјадници луѓе на посмртната поворка во Ирак за убиениот ирански генерал
Илјадници луѓе се собраа денеска во Багдад на посмртната поворка за убиениот ирански генерал Касем Солејмани и неколкумина други, кои беа убиени еден ден претходно во американски воздушен напад во главниот град на Ирак. Нападот ги зголеми тензиите во регионот, а Иран предупреди дека ќе се одмазди.
Многумина од насобраните носат ирачки знамиња, како и знамиња на милиции и организации, меѓу кои и Ирачките народни сили за мобилизација, чиј заменик-командант беше убиен заедно со иранскиот генерал и неколкумина други.
Телата на убиените се превезуваа со воени возила на почетокот на поворката, во која учествува и ирачкиот премиер Адил Абдул-Махди.
Дел од насобраните извикуваат „Смрт на Америка“.
Солејмани ќе биде погребан во Иран, а убиените Ирачани во Ирак.