Пожарите го уништуваат Националниот парк на островот Кенгуру во Австралија
Националниот парк на островот Кенгуру во Австралија е речиси целосно уништен, а двајца луѓе загинаа во огромните шумски пожари кои продолжуваат да предизвикуваат хаос во земјата. Властите денеска соопштија дека изгореле околу 1000 квадратни километри околу Националниот парк на третиот по големина австралиски остров, кој се наоѓа југозападно од Аделаида. Луѓето загинале кога пожарот го зафатил нивното возило. Има огромни загуби на животинскиот свет на островот, на кој живеат кенгури, коали и ежови.
Владата на австралиската држава Нов Јужен Велс вчера прогласи седумдневна вонредна состојба, со што на властите им се дава право за присилна евакуација на населението во погодените подрачја.
Во пожарите во Австралија од септември досега загинаа 20 луѓе, а над 1200 домови се уништени во државите Нов Јужен Велс и Викторија.