НАТО ја прекинува обуката на ирачките сили поради безбедносни закани
Коалицијата за борба против Исламската држава во Ирак и во Сирија, предводена од САД, ја прекина обуката на ирачките сили поради зголемените закани со кои се соочува по американските воздушни напади во кои загина иранскиот генерал Хасем Солејмани и негови соработници.
Ројтерс вчера објави дека германскиот генерал Ерик Фефер до германските пратеници испратил писмо во кое се вели дека американскиот генерал Пет Вајт одлучил да го зголеми нивото на заштита на војниците во Ирак со кои командува и затоа обуката за ирачките сили привремено е суспендирана. Директивата е обврзувачка за сите земји-партнери и за сите места за обука, се наведува во писмото. Германија има околу 120 војници во Ирак.
Портпаролот на НАТО денеска потврди дека Алијансата ги суспендирала мисиите за обука во Ирак.
САД соопшти дека го убиле генералот на иранските сили Кудс, Солејмани, кого го обвинуваат за оркестрирање на неколку напади во регионот. Иран се закани дека ќе се одмазди.