Над 50 луѓе загинаа во лизгање на земјиште и поплави во Индонезија
Најмалку 53 луѓе загинаа во свлечишта и поплави предизвикани од неколкудневните дождови во главниот град на Индонезија, Џакарта, и во неговата околина. Спасувачите и натаму се обидуваат да пронајдат луѓе затрупани со тони кал, соопштија денеска властите. Се очекува бројот на жртви да се зголеми, со оглед на тоа што сè уште има луѓе што се водат како исчезнати, а шансите да бидат пронајдени живи од час во час се намалуваат.
Монсунските дождови и надојдените реки потопија десетина области во поширокото подрачје на Џакарта и предизвикаа свлечишта кои затрупаа најмалку десетина луѓе.
Надлежните соопштија дека луѓето настрадале од давење или од струјни удари кога реките се излеаја во новогодишната ноќ. Тројца повозрасни луѓе починале од хипотермија.
Ова се најголемите поплави во тоа подрачје од 2007 година, кога за 10 дена загинаа 80 луѓе.
Спасувачките служби досега спасиле над 1700 луѓе од отсечени села кои биле пронајдени во лоша состојба. Податоците на владата покажуваат дека околу 173 илјади луѓе уште не можат да се вратат во домовите и живеат во влажните засолништа за итни случаи.
Индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика соопшти дека во наредните денови се очекуваат нови врнежи во главниот град, а потенцијалот за екстремни врнежи ќе продолжи до наредниот месец.
Индонезија секоја година се соочува во смртоносни поплави, но оваа година е посебно лоша, а поплавите на некои места достигнуваа и до 6 метри.