Британскиот амбасадор го напуштил Иран
Британскиот амбасадор во Иран ја напуштил земјата откако беше притворен од иранските власти минатата недела, јавија денеска иранските државни медиуми. Роб Макер беше во притвор три часа на 11 јануари. Тој беше приведен откако отиде да запали свеќа за жртвите од урнатиот украински авион. Иранската агенција ИРНА јави дека дипломатот ја напуштил земјата откако му била дадена, како што опишуваат, „првична забелешка“ без да прецизираат детали што значи таа.
Британското министерство за надворешни работи, пак, тврди дека патувањето на нивниот амбасадор во Лондон е „рутинско, работно и вообичаено“ и дека било планирано пред неговото апсење. Макер рече дека го следел бдеењето во Техеран бидејќи било нормално да покаже почит за жртвите во авионската несреќа во која загинаа сите 176 патници во авионот. Но, настанот брзо прерасна во антивладини демонстрации, а Макер тврди дека си заминал веднаш. Иранското министерство за надворешни работи, пак, смета дека тој ги прекршил дипломатските норми.
Минатата недела украинскиот патнички авион беше погоден по грешка од иранските воздушни сили, веднаш по полетување од аеродромот во Техеран. Во првите денови по несреќата иранските власти не кажаа дека тие го урнале авионот по грешка, туку тоа го сторија на 11 јануари, по што и избувнаа протестите.