Двајца странски државјани обвинети за криумчарење на мигранти
Против еден државјанин од Германија и друг од Италија, а и двајцата со потекло од Република Гана, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје, поднесе обвинителен акт дека сториле кривично дело Криумчарење на мигранти.
Во соопштението на Јавното обвинителство, се наведува дека тие од користољубие заедно, по претходен договор, илегално пренеле мигранти преку нашата државна граница. Двајцата се обвинети дека месецов илегално пренесувале тројца мигранти од Гана, им дале лажна документација, а за тоа им наплатиле 500 евра по лице. Остатокот од 1000 евра требало да го добијат на крајната дестинација.
Мигрантите ги презеле од Грција, а требало да ги пренесат до Австрија. Освен обвинителниот акт, до Судот против обвинетите е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети.