Нова средба за законот за Јавно обвинителство до крајот на неделата
Заврши средбата меѓу Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО – ДПМНЕ на која се разговараше за можните решенија и одоглавување на дијалогот за законското решение за Јавното обвинителство.
Од двете партии брифираат дека договорено е стручните тимови на ВМРО-ДПМНЕ до крајот на неделава да достават предлози и забелешки на законот за Јавно обвинителство, по што би требало да се одржи средба на работните групи.
"ВМРО-ДПМНЕ се обврза да достави конкретни писмени забелешки на текстот на законот во наредните денови пред да се закаже средба на работните групи која би требало да се случи до крајот на оваа недела. Постапките на СЈО и продолжување со работа на обвинителите на конкретните случаи со кои се задолжени остануваат најголем проблем за опозицијата. Ние сакаме правда и професионално обвинителство кое ќе ги продолжи постапките. СДСМ цврсто стои зад донесување на законот и работиме со сите пратенички групи за негово донесување" велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочуваат дека камен на сопнување продолжува да биде „неизбалансираното законско решение со кое засега не се гарантира независно јавно обвинителство кое е подложно на политички злоупотреби“.
Меѓу партиските преговори за нов Закон за ЈО се актуализираа откако еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји минатата недела во Скопје рече дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.