Амбасадорот на САД во Германија Гренел пристигнува во Белград и Приштина
Американскиот амбасадор во Берлин, Ричард Гренел ќе ги посети Приштина и Белград оваа недела, потврди Амбасадата на САД за Радио Слободна Европа. Гренел, кој е и специјален претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговорите меѓу Косово и Србија, в четврток во Приштина ќе се сретне со косовскиот претседател Хашим Тачи. Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, најави дека ќе се состане со Гренел в петок наутро во Белград.
Посетата на американскиот дипломат следува откако пред неколку дена во Берлин, Косово и Србија со германската компанија Луфтханза потпишаа договор за авиолинија Приштина-Белград.
На потпишувањето кое се случи во американската амбасада во Берлин присуствуваше и самиот Гренел и американскиот советник за национална безбедност Роберт О’Брајан. Претседателот на САД Доналд Трамп честиташе за потпишувањето.