Се интензивираат разговорите за Законот за ЈО
Министерката за правда Рената Дескоска денеска рече дека шансите дали ќе се донесе или не законот за јавно обвинителство зависат од вистинската волја на ВМРО-ДПМНЕ. На новинарско прашање дали има опција законот да се донесе без најголемата опозициска партија, министерката Дескоска рече дека и тоа не е исклучено.
„За законот очекувам поддршка од сите пратеници и добро би било сите кои се декларираат за евроинтеграција на нашата држава да го поддржат законот“, рече Дескоска.
Таа додаде дека тоа што го слушнала како најава за забелешки од ВМРО-ДПМНЕ, ако се останело на тоа, можело да се дојде до договор.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на прес конференција во Собранието,пак, рече дека е договорено работните групи на власта и на опозицијата за законот за јавно обвинителство да имаат средба до крајот на неделава. Одговарајќи на новинарско прашање, Милошоски рече дека на таа средба би ги изложиле своите забелешки, аргументи или одредени аномалии со кои сметаат дека текстот може да се подобри.
Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји минатата недела во Скопје рече дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари. Вчера на Правниот факултет во Скопје за законот разговараа и Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО – ДПМНЕ.