Спасовски тврди дека нема штетен отпад увезен во Македонија
Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска рече дека нема штетен отпад што се увезува во државата. Тој додаде дека случувањата во Бугарија одблизу ги следат и апелираше да се проверуваат информациите посебно кога се работи за сензитивна материја како оваа.
Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на новата операциска сала на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Спасовски напомена дека и Јавното обвинителство поведе постапка за испитување на наводите во јавноста за наводно увезување штетен отпад во земјава.
„Од Министерството за животна средина и просторно планирање имаме информација дека увезувањето на отпадот е оној што е дозволен и за кој се поседуваат одредени сертификати, дека нема штетен отпад што се увезува во државата. Добро е што Град Скопје презема чекори за средување на состојбите. Институциите тоа мора да го следат“, истакна премиерот.
Темата за увоз на отпад деновиве е актуелна и во Бугарија каде Обвинителството во Бургас отвори истрага против фирмата „Блацион ООД“ за нерегулиран увоз на отпад. Во сопственичката структура на таа фирма се јавуваат македонските државјани Горан Ангелов кој беше и доскорашен директор на скопската депонија Дрисла и Блаже Игнатовски кој во Дрисла се јавува како содружник.