Кина стави под карантин 13 градови заради корона вирусот
Кинеските власти го проширија гигантскиот карантин на веќе 13 градови, во напорите за го запрат ширењето на смртоносниот корона вирус. Сега под карантин се 13 градови со вкупно население од 41 милиони, откако бројот на починати денеска се искачи од 24 на 26, а бројот на заразени се зголеми за дополнителни 830.
Познат како Коронавирус (2019-nCoV), овој вирус е нов и претходно не беше идентификуван кај луѓето. Тој предизвика аларм заради неговата сличност со САРС, од кој починаа стотици луѓе во Кина во 2002-2003 година.
Од заразените, 177 се во сериозна состојба, соопштија кинеските медицински власти, додавајќи дека имало уште 1.072 сомнителни случаи. По извештаите за недостаток на кревети во болниците во Вухан, каде за прв пат се појави крона вирусот, државните медиуми соопштија дека властите брзаат да изградат нов објект и најавуваат негово отворање за 10 дена.
Покрај Вухан, затворени се уште 12 други градови во близина, а повеќето од нив денеска донесоа различни мерки - од затворање на јавни места и ограничување на големи собири, до запирање на јавниот превоз и замолување на граѓаните да не ги напуштат своите градови.