ЈО- четворица обвинети за загрозување на сигурноста на полицајци во Александар Палас
По спроведената постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен предлог против четири лица за кривично дело загрозување на сигурноста, соопштија денеска од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.
Обвинетите, на 30.11.2019 година во хотелот „Александар палас“ во Скопје, заедно ја загрозиле сигурноста на 11 полициски службеници кои вршеле легитимирање, наведува обвинителство, прецизирајќи дека тие започнале вербална расправија со полицајците, ги навредувале и им се заканувале.
„Обвинетите се јавувале телефонски кај нивни блиски лица и ги повикувале да дојдат во хотелот и да се пресметаат со оштетените. По извршеното легитимирање, оштетените си заминале од хотелот“, се појаснува во соопштението.
За тројца од обвинетите се уште се активни мерките за претпазливост, а еден од нив сè уште не е достапен на државните органи. По овој настан, за кој денеска обвинителството отвори обвинение, истата вечер, на 30 ноември во хотелот дојде и до пукање. Тогаш тројца маскирани лица со автоматско оружје пукаа кон пет мажи кои седеле во ресторанот на хотелот. Обвинителство наведува дека мажите кон кои било пукано се сега обвинетите за загрозување на сигурноста на полицајците.
Што се крие зад нападот во хотелот Александар Палас?
Обвинителството денеска наведува и дека се уште не е утврден идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукаа кон сега обвинетите лица.
„Откако Министерството за внатрешни работи ќе ги идентификува сторителите и ќе приложи релевантни докази, Основното јавно обвинителство и во тој предмет ќе постапи согласно Законот за кривична постапка“, стои во денешното соопштение од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.