Обвинение за поткуп за контролори од Фондот за здравствено осигурување
Основното јавно обвинителство поднесе обвинение за примање поткуп против двајца контролори во Фондот за здравствено осигурување. Според обвинителството, тие во декември, минатата година примиле поткуп од 30.000 денари од оштетен сопственик и управител на приватна здравствена установа. По извршена мобилна контрола во здравствената установа, како што се наведува во соопштението, биле констатирани неправилности при изготвување на образец за привремена спреченост за работа на еден пациент на кој оштетениот му бил матичен лекар.
Една од обвинетите, додаваат од обвинителството, понудила да не биде изречена санкција и за возврат побарала парична награда, при што по 10.000 денари биле наменети за неа и за нејзиниот колега, како и за уште едно засега непознато лице, исто така контролор во Фондот за здравствено осигурување.