Московски суд ги казни Твитер и Фејсбук
Судот во Москва ги казни Твитер и Фејсбук поради тоа што не ги префрлиле корисничките податоци на Русите на сервери на руска територија. Судот денеска им нареди на двете глобални социјални мрежи да платат по 4 милиони рубљи (околу 63 500 американски долари) за кршење на законот со кој се обврзуваат социјалните медиуми да ги чуваат податоците за нивните клиенти во сервери на територијата на државата.
Предметот е по претставка на рускиот медиумски набљудувач Роскомнадзор и се смета за еден од обидите на руските власти да воспостават поголема контрола и да ја зголемат можноста да ги набљудуваат содржините и корисниците на социјалните медиуми.
Руските власти велат дека со законот усвоен во 2014 година треба да се заштитат личните податоци на Русите. Твитер и Фејсбук лани беа предупредени да постапат во согласност со законот до 31 јануари 2020 година.