Советот за безбедност - неизвесност околу траењето на кризата со коронавирусот
Во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска беше одржана четврата седница на Советот за безбедност, посветена на вонредната состојба поради кризата со коронавирусот.
Прендаровски по завршувањето на состанокот изјави дека Советот заклучил дека ситуацијата останува сложена и дека сите сценарија за идниот развој на настаните се оптоварени главно од неизвесноста за траењето на пандемијата. Едногласно било заклучено дека досега државата е адекватно поставена и оти има ефективна соработка меѓу надлежните служби.
„Консензуален заклучок на присутните беше дека треба да им се оддаде признание на сите служби кои деноноќно работат на спречувањето на ширењето и справувањето со епидемијата. Потребниот здравствен кадар, силите на полицијата и на армијата се мобилизирани, постои дневна координација на централно и на локално ниво и сите расположливи ресурси се насочени кон справувањето со кризата“, рече Пендаровски.
Тој нагласи дека со спроведувањето на мерките за ограничено движење и затворањето на границите директно страда економијата, но најави дека Советот за безбедност ќе продолжи да ја следи состојбата и работата на сите институции ангажирани во овој период и оти до истекот на вонредната состојба ќе свика најмалку уште една седница на Советот за пред нејзиното евентуално продолжување.
„Тешките денови се уште не се зад нас. Но, апелирам до сите да бидеме смирени, да бидеме рационални, да бидеме одговорни кон нашето здравје и нашите животи и солидарни еден кон друг. Почитувајте ги препораките, останете дома“, рече Пенадаровски.
Вонредна состојба во цела држава поради коронавирусот
Покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Пендаровски, поканети беа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за здравство, Венко Филипче и министерката за финансии, Нина Ангеловска. Поради здравствени причини на седницата не присуствуваше министерот за внатрешни работи Чулев, на чие место беше неговиот заменик.