Лидерската средба кај Пендаровски заврши, нема договор за избори
По три часа разговори заврши средбата на лидерите на политичките партии, премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери кај претседателот Стево Пендаровски во Вила Водно. Во тек се изјавите на лидерите. Тие се договоиле да имаат нова средба следната недела, оти на оваа не паднал договор за датум за избори.
Било договорено да бидат побарани дополнителни информации за можноста за организирање избори од Комисијата за заразни болести, од Државната изборна комисија (ДИК), како и информација дали и кога во земјата ќе можат да допатуваат претставниците на ОБСЕ/ОДИХР.
Зијадин Села од Алијансата за Албанците рече дека има консензус дека здравјето на граѓаните е пред сè.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека државата е во војна со невидлив непријател, а во војна последниот збор го имаат генералите, во овој случај лекарите.
Вонредна состојба или избори - лидерска кај Пендаровски
Поради запазување на мерките за превенција од коронавирусот средбата се одржа на отворено под тенди, на балкон од Вилата Водно. Сите учесници на средбата се со маски и седат на растојание еден од друг.
На средбата присуствуваат претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами, како и претставници на
ДПА.
Главна тема на лидерската средба беше терминот на одржување на предвремените парламентарни избори, кои беа закажани на 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ширењето на ковид-19. Лидерите исто така се очекуваше да зборуваат и за евентуално продолжување на вонредната состојба, за состојбата со коронавирусот во земјата и препораките на здравствените власти, и како да се спроведе кампања и гласање, а да се заштитат граѓаните.