Спасовски: Утре ќе се разговара за рестриктивните мерки
Премиерот Оливер Спасовски денеска изјави дека за натамошниот тек на рестриктивните мерки ќе се разговара утре на состанок на главниот кризен штаб. Според него, нивното олабавување и нормализирањето на состојбата ќе зависи од развојот на ширење на коронавирусот, а одлуките како и досега ќе се носат врз основа на мислењата на стручните луѓе односно епидемиолозите од Комисијата за заразни болести.
„Најважно е не само да ги вратиме мерките, туку и да ја одржиме состојбата на ова ниво што го имаме денеска, а тоа е стабилна здравствена состојба во која здравствениот систем ќе може да одговори на состојбите пред нас“, рече Спасовски.
На прашање дали ќе има целодневно ограничено движење за празникот Рамазан Бајрам, тој истакна дека со оглед на фактот дека има двоен празник на 24 Мај, тоа заслужува внимание и треба да се разговара и на главниот кризен штаб и на седница на Влада.
Тројца починати од коронавирус, а оздравени 26 пациенти
Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека регистрирани се 26 оздравени пациенти, а починале тројца пациенти. Во изминатите 24 часа направени се 426 тестирања, а регистрирани се 30 нови случаи на ковид-19.