Условна казна затвор за скопјанец кој му се заканувал на Заев на Фејсбук
Скопјанецот Д.Д. на 45-годишна возраст беше осуден на условна казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку во следните три години по правосилноста не стори ново кривично дело, поради закани преку Фејсбук до поранешниот премиер Зоран Заев, соопшти Јавното обвинителство.
Пресудата за загрозување на сигурноста е донесена откако обвинетиот ја признал вината.
„Во временскиот период од 23.07.2019 година до 24.07.2019 година, обвинетиот во повеќе наврати, со коментари на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук се заканил дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна против оштетениот, тогаш вршител на функцијата Претседател на Владата на Република Северна Македонија. Со објавените фотографии и коментари тој директно повикувал на физичка ликвидација на оштетениот“, соопшти Јавното обвинителство.