Димитров: Преговорите со ЕУ се огромна шанса да создадеме европски услови
Министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешниот видео состанок со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјата порачал дека преговорите со Унијата се огромна шанса да се создадат европски услови за живот и работа за македонските граѓани.
„Уверени сме дека во втората половина на годината, нашите тимови ќе започнат со конкретната работа врз поглавјата односно кластерите на законодавството на ЕУ, како што е според новата методологија за водење на преговорите“, истакнал Димитров.
На состанокот, како што соопшти МНР станало збор и за најновите случувања во ЕУ и на домашен план, како и за предизвиците со кои се соочуваат земјите од ЕУ и регионот на Западен Балкан во справувањето со КОВИД 19 пандемијата.
„Изразивме надеж дека започнатото единство и солидарност во справувањето со оваа закана помеѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан ќе продолжи и понатаму со уште поголем интензитет и координација, особено во претстојниот период кога полека ќе започнат да се отвораат границите за слободно патување на нашите граѓани и ќе биде потребно да се обезбеди економско закрепнување за нашите компании“, вели Димитров.