Попладне седница на ДИК за конечните неофицијални резултати
Државната изборна комисија попладне треба да одржи седница на која треба да бидат соопштени конечните неофицијални резултати од изборите, најави портпаролот на ДИК, Адмир Шабани.
Кој победи, а кој загуби?
„Во Комисијата сега се прави контрола на податоците што синоќа ги испратиле општинските изборни комисии, што е стандардна и вообичаена постапка по секои избори. Пристигнати се сите податоци и материјали од ОИК. Сега се прави стандардната процедура односно контрола на податоците внесени во софтверот на ДИК со податоците од записниците број 16 и број 21, што ги содржат бројките од гласањето во избирачките места. Откако ќе заврши контролата, ДИК во попладневните часови ќе има седница кога ќе бидат соопштени конечните неофицијални резултати од изборите“, изјави за МИА, портпаролот на ДИК, Адмир Шабани.
По соопштување на овие податоци почнуваат да течат роковите за приговори од политичките партии.