СЗО: Втор ден рекорден број на новозаразени од коронавирус
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека на 18 јули втор ден по ред е забележан рекорден број на новозаразени од коронавирусот во светот, односно дека за 24 часа регистрирани се 259.848 нови заразени случаи.
Најголем пораст е забележан во САД – 71.000, потоа во Бразил – 45.400, Индија – 34.800 и Јужноафриканската република 13.300, се вели во соопштението.
СЗО – Нема враќање на старото нормално во догледна иднина
Претходниот рекорд беше забележан еден ден претходно, кога беа регистрирани 237.743 случаи. Во сабота на 18 јули беа забележани 7.360 смртни случаи, што е најголем дневен пораст од мај.
Во јули просечно на дневно ниво има по 4,8 илјади починати луѓе, што е благ пораст во однос на јуни кога просекот беше 4,6 илјади, наведува СЗО.
Вкупниот број заразени во светот во петокот оваа недела надмина 14 милиони, а бројот на починати е над 600.000 луѓе, според податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс.