Пендаровски: Прво консултации со партиите, па доделување на мандат за Влада
Претседателот Стево Пендаровски ќе одржи консултации со политичките партии, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова Влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието . Пендаровски во изјава за ТВ 21 истакна дека консултациите со партиите ќе бидат одржани по конституирањето на Собранието.
На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, според првичните неофицијални резултати што ги соопшти ДИК, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.
Според Уставот, Парламентот треба да се конституира најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите. Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.