Утре продолжуваат разговорите за почеток на наставата
Утре ќе продолжи состанокот меѓу членовите на Комисијата за заразни болести и работната група на Министерството за образование и наука за протоколите за реализација на наставата од 1 септември, откако денешниот состанок поминал без заклучоци, како што соопштија претставници од МОН.
Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска изјави дека се разговара за предлозите за времетраењето на наставните часови и за потребата од измени на законите доколку тие бидат скратени од регуларните 40 во основно, односно 45 минути во средно образование, пренесува МИА.
Наумовска рече дека одлуката за скратени часови треба да има правна рамка и да биде усогласена со законите за основно и за средно образовани, а измените треба да ги донесе Собранието кое се очекува да биде функционално од 1 септември.
Сè уште неизвесно, онлајн настава или на училиште
На состанокот исто така била разгледувана и потребата што ќе ја имаат општините од дополнителна финансиска или друга поддршка за хигиена на училишните објекти, за превоз на ученици, односно за спроведување на сите инструкции што ќе ги содржат протоколите во кои ќе бидат наведени детали за три вида настава во зависност од епидемиолошката состојба во одредена средина – со физичко присуство, онлајн настава и комбинирана настава.
Нема правила како децата да се вратат на училиште
Наумовска вели дека постојано се во разговори со градоначалници и со директори на училишта за реалните состојби и проблеми, во координација со ЗЕЛС, а дека ги добиле и мислењата на синдикатот за образование СОНК. Таа рече дека ако успеат да ги завршат консултациите оваа точка може да биде на дневен ред и на утрешната седница на Владата.
Министерството за образование и наука претходно исто така соопшти дека денеска не биле донесени заклучоци во однос на овие прашања и дека разговорите продолжуваат и во наредните денови, со цел да се изнајде и да се договори „најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата.“