Доживотен затвор за братот на бомбашот-самоубиец од Манчестер
Британскиот суд денеска пресуди доживотен затвор, или минимум 55 години, за братот на напаѓачот од Манчестер, кој во 2017 година уби 22 луѓе на излез од концерт на пејачката Аријана Гранде во Манчестер Арена.
Хашем Абеди (23) во март беше прогласен за виновен за смртта на 22 луѓе, меѓу кои деца и млади, додека одговорност за нападот презеде џихадистичката организација Исламска држава.
Братот на осудениот Хашем, 22-годишниот Салман Абеди се дигна во воздух со експлозив на 22 мај 2017 на излезот од концертната сала по завршувањето на настапот на Аријана Гранде.
Убиени и ранети во експлозија на концерт во Манчестер
Хашем во тој период бил во Либија, каде што отишол еден месец претходно, а бил уапсен по враќањето во Лондон во 2019 година. Тој е осуден зашто му помагал на брат му да ги подготви експлозивните направи за нападот. Судот оцени дека Хашем Абеди бил „интегрален дел“ од нападот.
Тој негираше вмешаност, но не даде никакви докази на судењето и не присуствуваше на изрекувањето на пресудата, одбивајќи да влезе во судницата каде што беа семејствата на жртвите.
Браќата Абеди се Либијци по потекло, а нивните родители емигрирале во Британија за време на владеењето на починатиот либиски лидер Моамер Гадафи.