Нов протест на ВМРО-ДПМНЕ против „неправдата и реваншизмот“ на власта
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска најави нов анти-владин протест кој ќе се одржи утре со почеток во 18.30 часот. Како што соопшти Центарот за комуникации на партијата, ќе се протестира против, како што наведуваат во партиското соопштение, „неправдата, реваншизмот и насилството на мафијата на Заев“.
„Поминаа 4 години, оваа иста, стара и потрошена влада направи ли вистинска борба против криминалот и корупцијата или станаа мафија? Кога Луј Витон судството носи "трас-трас" одлуки кои ги диктира Заев, кога шипките и тупаниците се одговор кон критичарите и опозицијата, кога власта врши прогон кон медиуми и ВМРО-ДПМНЕ за законско рекламирање, а молчи што стотици илјади евра остануваат непокриени во извештаите на СДСМ? Оваа влада вистински ли се бори со криминалот кога мајка оди во затвор затоа што купила државен автомобил кој и сега го користи мафијата, а во исто време троши 8 милиони евра за набавка на нови службени возила истата таа мафија?“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Автомобилски протест на ВМРО-ДПМНЕ против поскапувањето на струјата
Ова е четврти протест во организација на партијата. Во изминатите десетина дена беа организирани два протеста против одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за поскапување на струјата и еден за поддршка на членството во ЕУ и за Гоце Делчев.