Германија како претседавач со ЕУ очекува пристапни преговори со С.Македонија во декември
Германија како претседавач со ЕУ работи интензивно на создавање на услови за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија, соопшти германскиот државен министер за Европа Мајкл Рот, јавува допосничката на Радио Слободна Европа од Брисел.
„Се доживуваме себеси како чесни преговарачи кои градат стабилни мостови за секој кој ги поминува“, порача Рот на крајот од состанокот на Советот за општи работи на ЕУ.
Рот потврди дека Германија како претседавач со ЕУ разговара со официјални претставници од Бугарија за да биде овозможено одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, со која се одбележува формалното отворање на пристапните преговори.
Тој на политичарите од Софија им порачал дека условите за почеток на пристапните преговори се веќе утврдени и дека не е во ред да се излезе со нови услови.
„Бидејќи ние мораме да работиме на основата која сме ја поставиле заедно. Не би требало да изнесеме критериуми и услови што не се вклопуваат со заклучоците на Советот на ЕУ и со основните принципи околу кои веќе сме се договориле“, порача германскиот државен министер за Европа, Рот.
Ваквите пораки доаѓаат откако Бугарија неодамна достави меморандум до земјите членки на ЕУ за односите со Северна Македонија, во кој меѓу другото се бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија, како и добрите меѓусоседски односи, да бидат дел од Преговарачката рамка за членството на Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35.
Рот порача дека ЕУ мора да биде посветена на ветувањата кон земјите од регионот, нагласувајќи дека Германија како претседавач со ЕУ внимателно следи што се случува во земјите од Западен Балкан.
„Но, повеќе од тоа сакаме да видиме поголема посветеност на ЕУ кон Западен Балкан, за тој регион да може да смета на нас“, вели Рот.
„Западен Балкан не е наш последен двор, туку наш внатрешен двор“, порача Рот оценувајќи дека во интерес на сите земји, а посебно оние кои граничат со земјите од регионот, дека на Западен Балкан му е потребна европска перспектива за да стане простор на стабилност, мир и помирување.
Инаку, ЕУ во март одобри отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
На 6 октомври се очекува Европската комисија да излезе со предлог преговарачка рамка, која потоа треба да биде усвоена од страна на земјите членки на ЕУ.
Северна Македонија, која е кандидатка за членство од 2005 година, а која од 2009 година чека на отворање на пристапните преговори, се смета за држава која ги исполни сите услови за почеток на овој процес.