Путин го смени лидерот на Дагестан
Рускиот претседател Владимир Путин го смени лидерот на нестабилниот регион Дагестан во Северен Кавказ.
Кремљ во денешно соопштение наведува дека Путин потпишал указ за прифаќање на „барањето на Владимир Васиљев да го ослободи од должноста.“
Во соопштението не е наведена причина зошто Васиљев поднел оставка од функцијата.
Во соопштението се додава дека Сергеј Меликов – член на горната комора на Парламентот, Советот на Федерациајта, е назначен за вршител на должноста лидер на Дагестан.
Во октомври 2017 година Путин направи изненадувачки потег со назначување на Васиљев, аутсајдер кој во тоа време имаше 68 години и ја предводеше регионалната парламентарна група на владејачката партија Единствена Русија.
Назначувањето на Васиљев се сметаше за можен потег за засилување на обидите за искоренување на длабоко вкоренетата корупција во Дагестан, бидејќи Васиљев беше генерал-потполковник и поранешен заменик министер за внатрешни работи.
55-годишниот генерал-полковник Сергеј Меликов служеше како претседателски пратеник во федералната територија Северен Кавказ меѓу мај 2014 година и јули 2016 година.
Пред да се приклучи во Советот на Федерацијата минатата година, Меликов од 2016 година служеше како прв заменик директор на Руската национална гарда.
Дагестан во последните години беше епицентар на организирано насилство на криминални банди поврзани со политички спорови, ривалство на кланови и ширење на политики ислам.