Расправа во собраниската комисија за здравство- опозицијата бара оставка од Филипче
Повеќе од два и пол часа пратениците – членови на собраниската Комисија за здравство расправаа за само еден амандман поднесен на измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести. За овој Закон, што се носи по скратена постапка и чии измени се поврзани со мерките за справување со коронавирусот, пратениците од владејачкото мнозинство поднесоа пет амандмани, а амандмани имаат и Алијанса на Албанците и Алтернатива.
Во првиот амандман, којшто беше прифатен од страна на министерот за здравство Венко Филипче, како времени мерки се предвидуваат носење лична заштита на лицето при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори.
Политичарите се караат, докторите апелираат- мерките час поскоро
Исто така како времена мерка се предвидува и задолжително самоизолација при тестирање за корона вирус Ковид 19, забрана за групирање по домови на семејни прослави, слави и други собири во групи во одредени периоди од деноноќието, забрана за групирање на јавен простор во одредени периоди од деноноќието и други мерки утврдении со закон. Амандманот предвидува насловот на Законот за заштита на населението од заразни болести да се смени и да гласи „изолација, здравствен надзор, карантин, превоз, задолжително лекување и времени мерки за спречување на внесување и ширење на заразни болести“. Исто така се предвидува лицата заболени од Ковид 19 задолжително да се лекуваат во јавните здравствени установи, а исклучок да биде по медицински индикации болните да можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, до колку за тоа постојат услови.
Преблаги мерки за страшни бројки
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од министерот за здравство Филипче, како и тоа да биде прифатен нивниот предлог за формирање Државна комисија, но изнесоа и низа свои предлози и прашања поврзани со предложените измени и мерки, но и за заштита на здравствените работници. Дел од пратениците сметаат дека треба да има допрецизирање на амандманот во смисла кога ќе биде дозволено да не се носи маска на отворено, во однос на групирањето, времето кога ќе треба да се применуваат одредени мерки и друго.