Грчката копнена граница останува затворена до 30 ноември
Забраната за влез во Грција за државјани на трети земји и одлуката за ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на Грција со соседните земји, грчката Влада ги продолжи до 30 ноември, јави МИА од Атина. Едната одлука, се однесува на привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија”.
Грција во 23-дневен карантин поради коронавирусот
Исклучок се земјите членки на Европската унија и Шенген зоната, како и жителите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Уругвај, Обединетите Арапски Емирати и Сингапур. Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.